Поранешната манекенка Карла Белучи реши да го наплати божиќниот ручек за семејството и пријателите. Британката со својата најнова одлука го привлече вниманието на јавноста. Имено, овогодинешниот божиќен ручек во нејзиниот дом ќе чини 200 фунти, што е околу 240 евра по лице. Во цената се вклучени три јадења и чаша шампањ, додека гостите мора да си понесат свои пијалоци. „Ако не сакаат да платат, нека не доаѓаат“, изјави Карла во интервју за „Дејли мејл“.
Белучи, која британските медиуми ја нарекоа „најомразена мајка во Британија“, минатата година на гостите за божиќна вечера им наплатила 150 фунти, додека на сопствени подароци потрошила 8.000 фунти, а децата ги оставила без подароци. Оваа година, како што тврди таа, ќе потроши по 500 фунти за секое дете бидејќи „го заслужуваат најдоброто“, но гостите ќе мора да го напуштат нејзиниот дом во 20.30 часот бидејќи „тогаш завршува забавата“.
Иако нејзината практика да наплаќа за божиќниот ручек наиде на лавина критики, Карла останува непопустлива: „Плаќаат само возрасните, децата под 16 години јадат бесплатно. На крајот нема да заработам пари, само ги покривам трошоците“. За оние кои одбиваат да платат, таа има едноставна порака: „Не доаѓајте, луѓето треба да бидат благодарни што им го симнувам товарот за организирање на празниците од грб“.
Карла претходно се стекна со слава откако призна дека лажирала депресија за да добие бесплатна операција на носот.