Марин Ле Пен се огласи по падот на француската влада

од Nikola Popovski
601 прегледи

Француската влада предводена од Мишел Барние беше соборена синоќа со гласови во парламентот на иницијатива на левичарската коалиција Нов народен фронт, но на премиерот му „пресудија“ десничарите на Националниот собир (НС). Буџетот за 2025 година, кој премиерот сакаше да го „протне“ без гласање, беше кобен за владата формирана во септември.

Одлуката на Марин Ле Пен, како лидерка во парламентот на третата најсилна партија на претходните избори, со 142 пратеници, беше пресудна затоа што 331 од 577 парламентарци гласаа против Барние, пренесува „Euronews“.

Во својата прва изјава за медиумите по гласањето недоверба, Ле Пен рече дека „одлучила да го заштити францускиот народ“.

„Немаше друго решение освен ова. Мишел Барние не ја слушаше опозицијата кога го конструираше својот буџет“, изјавила таа за телевизијата „TF1“, додавајќи дека одлуката не била донесена лесно.

Ле Пен изјавила и дека „огромната љубов што ја има кон Франција“ отсекогаш ја правела чесна, пренесува „Le Figaro“. Десничарката, исто така, истакнала дека е лесно да се застане во одбрана на граѓаните на Франција, дури и по цена да се додадат гласови на НС на левичарите од партијата Неосвоена Франција (LFI).

Во говорот пред гласањето, Ле Пен рече дека претседателот Емануел Макрон „ќе ја жртвува судбината на Франција за својата суета“ доколку таа не се повлече.

„Емануел Макрон удри по темелите на нацијата во последните седум години. Тој е единствениот кој може да ја извлече земјата од рутината во која се наоѓа“, рекла Ле Пен, мислејќи на оставката на Макрон.

Самиот Барние ги обвини пратениците дека се однесувале неодговорно, соборувајќи ја неговата влада.

„Не можам да ја прифатам идејата дека институционалната дестабилизација би можела да биде целта што ги собира мнозинството пратеници во време кога нашата земја се соочува со длабока морална, економска, финансиска и граѓанска криза“, рекол тој пред гласањето доверба.

„Сепак, нема индикации дека сега ќе биде полесно да се формира влада способна да добие поддршка од парламент поделен на три крила“, пишува Политико. Распуштањето на парламентот исто така не е опција, бидејќи Макрон не може да свика нови избори до летото 2025 година, откако веќе ги распиша во јуни.

Слични содржини