Министерката за образование и наука, Весна Јаневска информира дека родителите и тимовите од МОН, Министерството за здравство и Министерството за социјала и млади веќе работат тимски и се обидуваат да го решат проблемот со третоодделенецот од ОУ „Лазо Ангеловски“. Таа побара трпение од неколку дена.
-Дозволете неколку дена за да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки и посериозни активности и постапки кои ќе бидат во корист на детето и решавање на целиот случај. Не може цела македонска јавност да го стигматизира детето. Ве молам, дајте ни време и ќе го решиме случајот, кажа Јаневска.
За предизвиците на Тикток и здобиените повреди кај младите, Јаневска им порача на средношколците „наместо да имаат тикток напревари, да се насочат во натпреварувања во образование и наука“.
-Телефоните во училиштата можеме и да ги забраниме, но тие ќе им бидат достапни дома и во маало и во други средини. Децата треба да ги прифаќаат предизвиците во образование и наука, а нивните родители заедно со училиштата, да ги насочат кон тоа, кажа министерката.