Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, во пораката упатена до парискиот надбискуп Лоран Улрих побара „великодушност кон идните посетители“ на обновената катедрала „Нотр Дам“ во Париз и слободен влез во неа.
„Катедралата „Нотр Дам“ наскоро повторно ќе биде посетувана и ќе и се восхитуваат мноштво луѓе од различно потекло, вери, јазици и култури, многумина во потрага по апсолутот и смислата на животот“, напиша Папата во пораката вечерва на свеченото отворање на катедралата, која беше значително оштетена во големиот пожар на 15 април 2019 година.
Папата Франциск додаде дека знае оти вратите на катедралата ќе бидат ширум отворени за сите луѓе и дека сите ќе бидат пречекани како браќа и сестри.
Француската министерка за култура Рашида Дати неодамна предизвика контроверзии во јавноста, бидејќи предложи влезот во катедралата да се плаќа. На нејзиниот предлог се спротивставила Париската епископија.
Папата не можеше да присуствува на свеченото отворање, но следната недела ќе го посети францускиот остров Корзика каде ќе се одржи конференција за религиозноста меѓу народот.
Париската катедрала Нотр Дам повторно ги отвори вратите вечерва, повеќе од пет и пол години по големиот пожар, во присуство на околу 40 шефови на држави и влади.