ВМРО-ДПМНЕ оценува дека СДСМ не се оградила од криминалот во РЕК Битола и поранешниот претседател на ЕСМ, Васко Ковачевски. Според партијата на власт, „освен бледото соопштение, не видовме дистанцирање на партијата од нивните некогашни челници во енергетскиот сектор“.
-Со неоткажувањето од некогашните челници во енергетскиот сектор, како Васко Ковачевски, кои се товарат за сторен криминал во вредност од 6.5 милиони евра, СДС не се откажува ниту од криминалот во РЕК Битола.
Со неоткажувањето и недистанцирањето од директните учесници во милионските криминални шеми и милионски грабеж во РЕК Битола, СДСМ само потврдува дека е соучесник и дека украдените милиони ги делеле на братски начин, тврдат од партијата на Христијан Мицкоски.
Вчера од „Бихаќка“ порачаа дека го поддржуваат секој чекор насочен кон расчистување на евентуални злоупотреби на јавните ресурси и потенцијалната корупција. Бараат од институциите брза, транспарентна и темелна истрага за акцијата „Адитив“.
-Доколку постои вина, истата треба да се санкционира во согласност со законите. Ги повикуваме Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и сите релевантни институции да постапуваат професионално и без селективност, рекоа од СДСМ.
Вчера на распитот во Кривичниот суд беа дел од 23-ца осомничени во акцијата „Адитив“, Обвинителството бара мерка притвор. Недостасува екс-директорот на ЕСМ, Ковачевски кој е во странство.
Министерот Панче Тошковски не откри во која држава е заминат, но, вели дека се работи на негово пронаоѓање и враќање во земјава. Тој потврди дека Ковачевски е сè уште македонски државјанин и не побарал отпуст од државјанството. Во текот на апсењето биле извршени над 30 претреси, отворени два сефа, запленети околу 220.000 евра во кеш. Осомничените, вели Тошковски, правеле тендери за адитиви кои не биле искористени, а се плаќало и трипати поскапо од реалната пазарна цена.
-Ковачевски не е дел од организираната група во која осомничените местеле тендери на свои блиски фирми и го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра, рече вчера шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази.
Додаде дека Ковачевски кој сеуште им е недостапен на истражните органи се терети за несовесно работење во службата, дело за кое по интервенцијата во Кривичниот законик казната се намали и сега е од од шест месеци до пет години затвор.