Поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Џејми Карагер е сигурен дека ѕвездата Мохамед Салах на крајот ќе потпише нов договор со „црвените“. Според Карагер, кој моментално работи како фудбалски аналитичар за еден од најголемите англиски телевизиски канали, Мохамед Салах нема многу избор освен да прифати нова понуда од „црвените“.
„Го сакам Мо Салах, тој е еден од најдобрите играчи во светот, но причината поради која велам дека нема многу опции пред него се неговите години. Кога добивате толку пари и зборуваме за покачување, не се работи за 10 или 20 илјади покачување неделно“, сподели Карагер.
„Колку напаѓачи имаат во Реал Мадрид? Барселона е во многу тешка финансиска ситуација. ПСЖ не е ни блиску до тимот кој е Ливерпул. Има само четири или пет екипи кои реално можат да ја освојат Лигата на шампионите, а Ливерпул е еден од нив. Салах ќе остане, не сум сигурен дека има многу опции пред себе. Тој се уште не е подготвен да оди во Саудиска Арабија. Тоа може да го направи за три години“, изјави поранешниот дефанзивец.