Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, објави видео на Инстаграм како реакција на најавите дека неговиот татко ќе биде прогласен за личност на годината од магазинот „Тајм“.
На почетокот на видеото е прикажана насловната страница на „Тајм“ од 2022 година на која е украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тогаш една нога го удира Зеленски и го трга од насловната страница. Наскоро, новоизбраниот американски претседател оди на насловната страница со својот препознатлив танц. Се појавува и натписот: „Најголемиот на сите времиња – Доналд Џеј Трамп“.
Веќе во 2016 година, по првата победа на претседателските избори, Трамп беше прогласен за личност на годината на „Тајм“. Наградата ја добија уште 13 американски претседатели, меѓу кои и сегашниот претседател Џо Бајден.
Инаку „Тајм“ ги прогласи Зеленски и „духот на Украина“ за личност на 2022 година. „Успехот на Зеленски како воен водач се заснова на фактот дека оваа храброст е заразна. Таа се прошири меѓу украинското политичко раководство во првите денови од инвазијата бидејќи сите сфатија дека претседателот е со нив“, објави магазинот по тој повод.
Пред еден месец, синот на Трамп го исмејуваше Зеленски и со тоа ги зголеми шпекулациите дека неговиот татко ќе го прекине финансирањето на Украина, односно нејзините воени напори против Русија, по влегувањето во Белата куќа.
Трамп Џуниор потоа сподели видео на Инстаграм објавено од поранешната републиканска кандидатка за потпретседател Сара Пејлин. „Поглед: Уште 38 дена за губење џепарлак“, гласи пораката на видеото на кое се гледа како украинскиот лидер стои до новоизбраниот американски претседател со тажен поглед на лицето.