Се уште постојат одредени пречки за овој случај комплетно да се реши. Меѓутоа по интервенција на МОН, состојбите веќе се средуваат и социјалната служба активно работи. Во моментов сметам дека, покрај пречките, случајот е под контрола – вака денеска изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска за случајот со третоодделенецот од ОУ „Лазо Ангеловски“ поради кој два дена имаше бојкот на наставата.
За пропуштената настава, директорот на основното училиште треба да си ја организира, вели Јаневска, потенцирајќи дека децата не смеат да имаат пропуштени часови поради ваков случај.
На 6-ти декември, беше објавено дека учениците од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје го прекинаа бојкотот и од вторник се враќаат во редовна настава. Во училиштето бил присутен тим составен од страна на Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение. Се донел заклучок детето до крајот на првото полугодие да продолжи со онлајн настава со цел во меѓувреме да се изврши соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението.
Претходно родителите и учениците од ООУ „11 Октомври“ во скопски Центар ја бојкотираа наставата, затоа што не сакаа да посетуваат настава со проблематичниот ученик, откако тој доби согласност за преместување во тоа училиште. Откако е повлечена согласноста за негово посетување на наставата во училиштето во Центар, детето е вратено да учи во ООУ „Лазо Ангеловски“ во општината Аеродром.