Бугарскиот в.д. премиер Главчев: Северна Македонија се однесува неевропски

од Milan1
77 прегледи

Вршителот на должноста премиер Димитар Главчев го потврдил ставот на Бугарија за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, соопшти бугарската владина прес-служба.

Како што објави БТА, темата била во фокусот на телефонскиот разговор меѓу Главчев и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во кој двајцата разговарале за подготовката на редовниот состанок на Европскиот совет на 19 декември, со кој ќе претседава Кошта.

-Со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати – изјавил Главчев.

Тој рекол дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на Македонија, под услов да се почитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи, поврзани со човековите права, владеењето на правото и добрососедските односи.

Главчев бил категоричен дека бугарското општество е единствено во однос на оваа тема и дека ниту еден бугарски премиер, без разлика дали е технички или редовен, нема да поддржи став поинаков од тој што официјално го усвои Народното собрание. Премиерот Главчев изјавил и дека Бугарија останува посветена на европската перспектива на регионот, но дека разликите треба да се надминат преку конструктивен дијалог и меѓусебно почитување.

Слични содржини