МВР на својата официјална веб-страница ги објави меѓународните потерници за екс-вицепремиерот, Артан Груби и екс-директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами. Двајцата во моментов не се достапни за органите на прогонот.
Вчера триесетдневен притвор им определи Кривичниот суд. Мерката ќе стапи на сила откако ќе бидат пронајдени. Груби со албански пасош ја преминал македонската граница кон Косово.
„По добиено известие од надлежното МВР, дека двете лица за кои Јавното обвинителство предложи мерка притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија, се недостапни за органите на прогон, донесе решенија со што го прифати предлогот на Јавното обвинителство и им определи мерка притвор од траење од 30 дена“, се вели во соопштението од Кривичен.
На другите четворица опфатени во истрагата, судија на претходна постапка на предлог на Обвинителството им определи мерки за претпазливост, одземени им се патните исправи и имаат обврска да се јавуваат во судот.
Полицијата објави детали за кривичните пријави против осуммината инволвирани во случајот „Лотарија“. Меѓу нив е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и екс-генерален секретар Методија Димовски, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Ковачевски и тогашниот директор на државна лотарија Бајрами, на седница на Влада ја доставиле и усвоиле постапката за основање на трговско друштво „Нова државна видео лотарија-НОВО ВЛТ ДОО Скопје“. Иако Ковачевски знаел дека согласно деловникот, материјалите не требало да се разгледуваат на седница, сепак биле разгледани. Според Кривичниот законик ја злоупотребил службената положба и овластување и овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца, а на одговорните лица им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист од речиси осум милиони и 600 илјади денари. За злоупотреба на службената положба, МВР го сомничи и екс-генералниот секретар на Владата Методија Димовски. Иако знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на седница, сепак ја предложил како точка на дневен ред информацијата во врска со постапката на основање на три нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа. Им овозможил на правните лица од Скопје и Битола да се стекнат со противправна имотна корист од над 4 милиони и 850 илјади денари, а правните субјекти да остварат противправна имотна корист од 55 милиони денари.
Во случајот „Лотарија“ првопријавен е Перпарим Бајрами, тогашен претседател на управниот одбор на државна лотарија, додека второпријавен е поранешниот вицепремиер Артан груби.
Откако МВР поднесе кривична за осуммината инволвирани во случајот „Лотарија“, од Обвинителството велат – има докази само за шестмина против кои се води истрага. Меѓу нив е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.