СДСМ: МВР поставила контрола пред Блаце најмалку три дена пред Груби да ја напушти државата

од Nikola Popovski
84 прегледи

Според информации со кои располагаме и ги добивме од свиркачи, МВР имала поставено полициска контрола на кружниот тек пред Блаце на денот кога Артан Груби ја напуштил државата. Контролата била таму најмалку три дена пред настанот. Ова јасно укажува дека тие се сомневале дека може да избега. Но според нашите информации, самата полициска контрола, мобилната единица на МВР, не знаеле кого треба да очекува или кога треба да стопира. Тие добиле информација дури откако Груби ја напуштил државата, велат од СДСМ за бегството на екс-вицепремиерот од земјава.

Според организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски постојат две сценарија.

-Или биле целосно неспособни да го спречат, или пак второ и поверојатно, намерно не го спречиле. Дали Тошковски ќе каже искрено, која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно си ја напушта земјата а акцијата на МВР за негово спречување е целосно неуспешна, кажа Костовски и праша кој ќе одговара за тоа ако Груби не се врати во земјата.

Од СДСМ исто така прашуваат до кога северната граница со Косово ќе биде злоупотребувана.

-Се потврдуваат сомнежите на СДСМ уште од ова лето кога јасно укажавме за се’ што се случува на македонско-косовската граница, рече Костовски на прес-конференција.

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер и директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да распише потерница по овие две лица на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.

„По донесените решенија на Основниот кривичен суд Скопје со кое е определен притвор за двајца осомничени во истрагата за проневера во „Државна лотарија“, кои се недостапни на органите на прогонот, Основното јавно обвинителство Скопје до Министерството за внатрешни работи ќе издаде наредба за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница“, соопшти вчера Обвинителството.

Двете лица се недостапни за органите на прогонот.

Слични содржини