Не е нормално земја-кандидат да им наметнува услови на другите кои се веќе земји-членки, рече Главчев за европскиот пат на Македонија

од Nikola Popovski
291 прегледи

Во пресрет на денешниот самит „ЕУ-Западен Балкан“ во Брисел, бугарскиот технички премиер, Димитар Главчев изјавил дека ставот на официјална Софија за членството на Македонија во ЕУ е принципиелен и непроменет. Како што истакнал за бугарската јавност, компромисот бил веќе направен во 2022 година.

„Овој компромис е потпишан од сите земји членки, вклучително и Република Северна Македонија и нас. Не е нормално земја-кандидат да им наметнува услови на другите, кои се веќе земји членки“, коментирал Главчев. Напротив, според него, треба да се исполнат критериумите за членство во заедницата.

„Најмалата пречка пред Република Северна Македонија е компромисот од 2022 година, ако тоа воопшто може да биде пречка. Тие продолжуваат да не ги исполнуваат другите барања“, кажал Главчев, пренесуваат бугарските медиуми.

Македонската делегација во Брисел ја предводи премиерот Христијан Мицкоски. Информациите се дека ќе нема одлуки за проширувањето, но ЕУ ќе испрати политичка порака дека има нов моментум во процесот и оти иднината на регионот е во европското семејство.

Слични содржини