Вицепремиерот и министер, Александар Николоски вели дека е еден од првите што го изнел скандалот поврзан со „Лотарија“, додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција. Според него, кривичните дела против инволвираните во случајот се многу силни и се наоѓа начин истите да се процесуираат.
Николоски е дециден дека „Лотарија“ беше перална на пари и дувло на криминал на СДСМ и ДУИ.
За бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби и неприсуството на екс-директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами, Николоски посочува дека ќе се соочат со одговорност.
-Бегството значи признавање на вина. Ако некој мисли дека не е виновен, ќе се соочи со органите на правдата. Ако случајно бил надвор од државата, кога ќе дознае, може веднаш да се врати. Убеден сум дека меѓународната потерница преку Интерпол ќе вроди со плод и ќе бидат донесени. Артан Груби не е Асад (поранешниот претседател на Сирија, Башар Ал-Асад), па некој да му дава азил. Се работи за локален политичар кој нема да успее да најде прибежиште било каде на земјината топка. Ќе одговара и за овој и за останатите криминали што ги правел, рече министерот за транспорт и врски во емисијата „Тема на денот“.
Тој додаде дека не е храброст да се бега и вели дека очекувал уште првиот ден по изборите, главните осомничени да избегаат од државата.