Функционери со двојни државјанства – вон или во политичките и законските стандарди и етика?

од Nikola Popovski
84 прегледи

Колку пасоши поседуваат македонските политичари? Ова прашање деновиве е актуелно по бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби за кого е познато дека има два пасоши – покрај македонскиот и албански. Со оглед дека Груби е надвор од државата, се поставува прашањето дали неговото двојно државјанство остава подобра можност да се здобие и со азил од некоја странска земја. Како што наближуваа новите изборни циклуси, секоја опозиција го актуелизира поседувањето двојно државјанство како лицемерство од врвните македонски политичари.

Треба ли промена во овој дел со цел лица обвинети за криминал да не ни бегаат преку граница?

Дел од јавноста смета дека не е до државјанствата туку до карактерот на функционерите. Според новинарот и политички аналитилар, Зоран Иванов, ако е некој криминоген ќе биде тој тоа и со едно и со две или повеќе државјанства.

-Секако дека лицата со едно државјанство се „подостапни“ до органите на прогонот од својата матична земја зашто во друга каде што не се државјани ја немаат тамошната заштита и се поподложни на екстрадиција во својата матична земја, таму каде што се обвинети за криминал или за други незаконски дејства, вели Иванов во разговор за „Локално“.

Зоран Иванов

Според него, има многу држави кои дозволуваат двојни, па и тројни државјанства и други каде што тоа не е пракса.

-Кај нас може да се биде бипатриот и тоа од различни причини е поволност за нашите граѓани во разни области од нивниот живот како образование, бизнис и слично. А што се однесува до политичарите, па мислам и уставно е недозволено граѓаните, без оглед на нивните актуелни политички позиции, да се деградираат. Пред уставот нели сите сме еднакви, наведува соговорникот.

Во однос на политичарите, Иванов сепак додава дека некои токму поради вториот пасош си наоѓаат засолништа во нивната друга држава, било да се политичари или граѓани без политички ангажмани. Вели дека тоа е тема за домашното и за меѓународното право и посебно до институционалната соработка меѓу државите и кои покрај правните аспекти имаат и морална обврска да не штитат од криминалци посебно доколку обвиненијата од матичните држави.

-Таму каде што се сторени неделата се евидентни и при такви околности земјата „заштитник“ не би требала долго да се премислува околу екстрадицијата, освен, се разбира, доколку не станува збор за некаков политички прогон, објаснува новинарот во разговорот.

За политичари без двојни државјанства, зборувавме и со поранешниот пратеник во Собранието, Зуди Џелили. Ни посочи дека политичките партии кај нас треба да сфатат дека постојат за да ги застапуваат интересите на граѓаните и да создадат подобри услови за живеење во државата.

-Двојното државјанство не треба да преставува проблем ако еден политичар е чесен и има искрени намери да придонесе за државата. Ние како држава имаме многу истакнати способни луѓе низ Европа и светот во различни области кои можат утре да ни дојдат на помош и да работат со европски менталитет и квалитет, кои сигурно имаат двојно државјанство, вели Џелили за „Локално“.

Зуди Џелили

Тој го наведе и случајот со бившиот премиер Никола Груевски за кој вели дека немаше двојно државјанство, па побегна со милјарди евра и доби азил.

-Ке ја споредам политиката со спортот. Фудбалската репрезентација на Македонија ја сочинуваат фудбалери кои живеат во европски држави и играат во европски клубови, но за репрезентацијата решиле да играат и за нивната татковина и даваат значаен придонес да имаме одлични резултати, потенцира соговорникот.

Според него, ние сме мала држава и ги знаеме кои се криминалците, за Груби и други како него се зборувало многу одамна, но, како што вели, катапултирани од нивни челници за задни намери, пред се за лични интереси и придобивки.

-Мислам дека е време да треба да се промени свеста и да се земе став на врвот на државата дека од денеска нема злоупотреби и точка, дециден е поранешниот пратеник.

На почетокот на ноември месец, додека во фокус на јавноста се најде министерката за енергетика Сања Божиновска, во контекст на нејзиното бугарско државјанство, опозицискиот СДСМ најави дека ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои услов за избор на највисоките функционери во државата – премиер, вицепремиери, министри и пратеници – да биде лицата да поседуваат единствено македонско државјанство.

Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски застана во одбрана на Божиновска откако пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, праша дали ќе биде побарана нејзина одговорност, во контекст на случајот со нејзиното бугарско државјанство.

Во одговорот до Спасовски, Мицкоски рече „јас ви гарантирам и ви потпишувам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од сите вас заедно, запишете го ова, ова ви го кажувам и запишете го“.

Политиката на земјите членки на Европската унија во однос на двојните државјанства пак постепено станува се полиберална. Според базата на податоци на Европскиот универзитетски центар во Фиренца од земјите кои дозволуваат двојни државјанства постои забрана за кандидирање на национални избори за парламент во две земји- Бугарија и Литванија. Таму лицата со двојни државјанства може да гласаат на избори, но не може да се кандидираат за членови на национални парламенти.

И други држави надвор од Европската унија дозволуваат лица со двојни државјанства да бидат на државни позиции. На пример во парламентите на Обединетите кралство, Соединетите Американски Држави, Канада, Нов Зеланд и други земји нема никаква пречка некој да биде избран за пратеник ако има повеќе од едно државјанство. Во САД на пример сенаторот од Тексас Тед Круз имаше и канадско државјанство кога беше избран за позицијата, или пак актерот Арнолд Шварценегер кој беше гувернер на Калифорнија има и австриско државјанство.

Н.П.

Слични содржини