Ден по инцидентот меѓу лидерот на ССП, Драган Ѓилас и активистот на СНС, Лука Петровиќ, се огласи опозицијата. Тие го осудија, како што рекоа, нападот врз Ѓилас. Претседателот на Демократската партија (ДС), Срѓан Миливојевиќ, повика на уште посилна соработка и отпор од граѓаните на опозицијата, а лидерот на Новата ДСС, Милош Јовановиќ повика на блокада на Собранието на Србија и другите институции.
Миливојевиќ најостро го осуди, како што рече, нападот врз Драган Ѓилас и Ѓорѓе Алексиќ среде Белград, посочувајќи дека тоа е „уште еден доказ за подготвеноста на српскиот претседател Александар Вучиќ да направи се за да ја задржи власта, па дури и да се обиде да предизвика конфликти од пошироки размери во земјата“.
-Вучиќ се обидува да прикаже дека опозицијата и граѓаните во ваков конфликт немаат шанси против неговите улични фаланги во кои се и високи функционери на режимот, како што е градскиот секретар за инвестиции Лука Петровиќ. Пред да бараме негова смена, што е неизбежно бидејќи ќе ја смениме целата власт, бараме итна кривична одговорност и гонење на овој силеџија. Очекуваме министерот Дачиќ да реагира, не затоа што наеднаш му пукна совеста, туку затоа што е очигледен распадот на режимот – рече Миливојевиќ.
Како што рече, се што ќе преземе Вучиќ за да ја одбрани власта по секоја цена бара уште посилен, поконкретен и поорганизиран политички одговор од опозицијата и граѓаните кои протестираат. Тој, исто така, вели дека „волјата на граѓаните на Србија за слобода и нормален живот е посилна од желбата на режимот да ги држи под покор додека ја ограбува, уништува и продава нашата земја“.
Јовановиќ оцени дека треба да се повлечат потписите и барањето за одржување на собраниска седница за недоверба на Владата на Србија и наместо „залудна собраниска расправа со насилниците“, работата на српскиот парламент и на сите други институции во земјата да биде блокиран.
– Физичкиот напад врз претседателот на парламентарната Партија на слободата и правдата и пратеник Драган Ѓилас уште еднаш покажува дека предавничкиот и криминален картел на Српската напредна партија (СНС) и Александар Вучиќ е длабоко заглавен во насилство и дека секаков вид разговор станал бесмислен – рече Јовановиќ, цитиран од „Блиц“.
Тој повика на продолжување на вонинституционалната борба. Како што вели, „нема да бараме веднаш да се гонат сите учесници во нападот на опозиционерот бидејќи знаеме дека тоа нема суштински да се случи, но повикуваме да се зголеми притисокот на улицата и да се засили вонинституционалната борба бидејќи овој режим го разбира само јазикот на притисок, принуда и сила“.