Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не сака да шпекулира околу информациите каде се наоѓа во моментов екс-вицепремиерот Артан Груби кој веќе една недела е во бегство. Според него, битно е дека е распишана меѓународна потерница по него.
Тошковски побара од Груби „доколку е чист како солза, да се врати во Македонија и да се соочи со сите обвинувања кои се доставени до Јавното обвинителство“.
На прашањето од каде му се сознанијата на вицепремиерот Изет Меџити дека Груби се наоѓа во Албанија, првиот полицаец во државата синоќа изјави:
-Не би сакал да шпекулирам каде се наоѓа лицето. Во мојата надлежност, битно е дека кај (полицискиот) службеник кој што работи во граничната контрола и кој што сторил кардинална грешка при постапувањето и не постапил согласно стандардно-оперативни процедури е спроведена истрага и е констатирано дека нема постапено согласно закон. Суспендирано е лицето и поднесена е соодветна кривична пријава за несовесно работење во службата, рече Тошковски во вестите на Тв Сител.
Министерот исто така додаде дека е добро што „ДУИ се огради од еден бегалец од правдата и тоа е поздравување“.