По полициската акција во Арачиново и откриениот арсенал оружје и експлозив, првиот човек на БЈБ, Александар Јанев објави дека борбата против криминалот останува еден од приоритетите.
-Нашата порака е јасна, криминалот во Македонија веќе не е исплатлив. Се бориме неселективно и решително, без компромиси, а спроведената акција во Арачиново и околината е показател за тоа. Оваа операција, донесе сериозни резултати, пронајдени се 14 гранати, ТНТ експлозив, автоматско оружје и други експлозиви, кои беа скриени под земја, објави Јанев.
Тој упати благодарност до сите полициски службеници кои биле вклучени во акцијата и додаде дека нивната посветеност и храброст носат резултати.
Снимките од дрон покажуваат што откопа полицијата од скопско Арачиново. Со багери, детектори за метал, под земја, но и во шупи, во дворови на куќи и празни плацови се бараше што има скриено криминалната група Беланоца.
Групирањата и прегрупирањата, според полициските информации за групата Беланоца-Барон, почнале од 2021 година, кога настанало спојувањето на криминалните банди. Во хиерархиски организираниот клан, точно се знаело кој убива, кој купува возила, кој следи луѓе. Како групата растела и моќно зајакнувала, се создавале нови кланови кои имале за функција да спроведуваат класичен рекет на обложувалници, дуќани. Оние кои нема да прифатат „обезбедување“, својот објект следниот дел го наоѓале запален и пораката била јасна, месечен данок за мир во соседството.