Панама му возврати на Трамп: Каналот е наш и таков ќе остане

од Nikola Popovski
43 прегледи

Претседателот на Панама, Хозе Мулино, изјави дека Панамскиот канал ѝ припаѓа на неговата земја и дека нема да има преговори за тоа.

Како што истакна во објава на социјалната мрежа „Х“, „секој квадратен метар од Панамскиот канал и неговата околина ѝ припаѓа на Панама и ќе продолжи да ѝ припаѓа во иднина“.

На овој начин Мулино го одби барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за враќање на Панамскиот канал под американска контрола.

Мулино нагласи дека за суверенитетот и независноста на Панама не може да се преговара.

„Секој граѓанин на Панама, овде или каде било во светот, го носи тоа во своето срце. Тоа е дел од нашата историска борба“, објавил Мулино на „X“.

Трамп претходно соопшти дека контролата на водениот пат што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан преку Панама треба да се врати во Вашингтон, бидејќи Панама наметнува, како што вели, неправедни такси за американските бродови што минуваат низ Панамскиот канал.

Панамскиот канал, завршен од САД во 1914 година, беше вратен на централноамериканската земја според договорот од 1977 година потпишан од демократскиот претседател Џими Картер.

Панама презеде целосна контрола над неа во 1999 година.

Слични содржини