Дури и Али Ахмети и ДУИ се откажаа и оградија од Груби, а СДСМ продолжува да го штити само поради тоа што се нивни асистенти и соработници, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение по бегството на екс-вицепремиерот од земјава. Според партијата на власт, падот на рејтингот на СДСМ е директен резултат, како што велат, на молкот и распространеторста на криминалните шеми со ДУИ, „но и покрај тоа СДС грчевито го штити Груби и не го повикува на одговорност пред правдата“.
-СДС делуваше во координација на ДУИ а Груби беше извршител, 7 години овие деструктивни сили го заробија системот и ја уназадија државата. СДС дозволи криминалот и корупцијата да напредува додека народот осиромашуваше. Артан Груби, СДС и ДУИ мислат дека од правдата ќе побегнат но засолниште за криминалците и сите оние што го прекршиле законот нема, стои меѓу другото во партиското соопштение.
Премиерот Христијан Мицкоски не сака да шпекулира дали поранешниот вицепремиер е во Албанија или во Косово, но како што вели, факт е дека не бил чист како солза, бидејќи во спротивно немало да бега од правдата. Според шефот на Владата, пораките што ги испраќаат СДСМ и ДУИ не се во насока на одлучна борба со криминалот и корупцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче кон Груби гледал како на актер кој му овозможува на СДСМ и нему лично што повеќе да се задржат на власт. На трибината „Правдата доаѓа“ Милошоски рече дека во Собранието поминувало сè што ќе посака Груби, па дури и со европско знаменце. Смета дека и поранешниот премиер направил сериозен пропуст во случајот „Државна лотарија“.
-Јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Артан Груби, сработено по истото сценарио како и она на Блерим Рамадани. Повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и Тошковски, реагираа од СДСМ. Според опозициската партија, власта сама си креира сценарија за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата, наместо да се соочи со одговорност.
„Денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, велат од СДСМ.
Експрвиот вицепремиер и натаму е во бегство, како и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.