Кривична и домашен притвор за скопјанец кој се борел на руска страна на фронтот во Украина

од Nikola Popovski
63 прегледи

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против Љ.Б.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.

Во периодот од септември 2023 година, пријавениот заедно со сега починатиот Т.Ш., преку апликацијата „Телеграм“ аплицирале на отворен конкурс за учество во руска војска за месечен надомест од 3.000 евра. По обезбедување на виза за патување, двајцата заминале за Русија, каде на 23.09.2024 потпишале договор со Министерството за внатрешни работи на Доњецка Народна Република за служење во нивните воени, паравоени и параполициски единици, а со тоа учествувале во воениот конфликт помеѓу Руската Федерација и Украина.

На 09.12.2024 бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени компјутер, мобилни телефони, тактичка облека, документи на руски јазик на негово име и други предмети. Од судија на претходна постапка, на пријавениот му е одредена мерка домашен притвор во траење од 30 дена.

Последните податоци од руското Министерство за надворешни работи, објавени во март годинава, покажаа дека 90 македонски државјани се пријавиле да се борат на украинска страна. 30-мина од нив наводно веќе биле убиени.

Според табелата објавена од руското Министерство, најмногу платеници се од Полска (2960). Убиени се 1497. Што се однесува до Европа, следуваат Велика Британија, Романија и Хрватска.

Независно дали станува збор за платеници или не, до пред оваа вест, македонските институции тврдеа дека досега не добиле ниту еден податок или информација за Македонец што се борел на едната или другата страна на фронтот во Украина.

Според Кривичниот законик, тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на РСМ, ќе се казни со затвор од најмалку пет години (членот 322 – а). Според истиот член, македонски државјанин што учествува или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организира групи или поединечно, надвор од територијата на земјата ќе се казни со затвор од најмалку четири години. И тој што повикува или врбува или поттикнува друг на извршување на делата ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Овие законски решенија важат и за легионерите што би заминале во Украина.

Слични содржини