Уставниот суд се подготвува за седницата за уставноста на Законот за употреба на јазиците

од Nikola Popovski
111 прегледи

Уставниот суд интензивно се подготвува за седницата на која ќе се расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците, која е закажана за средината на март. Како што соопшти претседателот на судот, Дарко Костадиновски, на завршната годишна конференција веќе се подготвува листата со учесници, а се чека и потврдата за учество на Венецијанската комисија.

Според Костадиновски, најверојатно седницата ќе се одржи на 19 март, откако Венецијанската комисија ќе го објави мислењето. Уставниот суд веќе покани член на Венецијанската комисија да присуствува на седницата, но се уште нема потврда. Поканети се и сегашни и поранешни професори по уставно право, поранешни уставни судии, правни експерти, поранешни судии од Стразбур, како и сите подносители на иницијативи за овој закон.

Тој изрази жалење за непојавувањето на дел од неговите колеги на седницата, но нагласи дека нема да дозволи некој да уценува или блокира работата на Уставниот суд.

„Минимален кворум за работа на судот е пет судии, одлуките се носат со пет гласа, освен ако не е потребно квалификувано мнозинство. Подготвителната седница ќе се одржи доколку се исполнат условите за минимален број присутни судии на работа“, рече Костадиновски.

За изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, кој рече дека албанскиот јазик не е прашање на Уставниот суд, Костадиновски рече дека тие изјави се несоодветни и недостојни.

„Ако навлегуваме во коментарите на странските државници, тоа не е моја работа. Но, за секоја изјава на домашен или странски чинител, која изразува сомнеж или етикетира на нашите постапки, јас сум должен да реагирам“, додаде тој.

Претседателот на Уставниот суд изминатата година ја оцени како година на големи реформи и политички притисок врз судот.

Тој упати порака до политичарите да ги држат рацете подалеку од судот, а до граѓаните да бидат спокојни бидејќи Уставниот суд ги штити нивните права и слободи. Тој е задоволен од работата на судот, бидејќи во изминатата година бројот на поднесени граѓански иницијативи е двојно зголемен во однос на претходната година. Исто така, во 2024 година судот одлучил двојно повеќе предмети во однос на минатата година.

Слични содржини