СДСМ: Освен трговците, граѓаните немаат никаква корист од „новогодишната кошничка“

од Nikola Popovski
30 прегледи

Храната е прескапа, цените на основните производи вртоглаво се зголемуваат. Освен трговците граѓаните немаат никаква корист од новогодишната кошничка, велат од СДСМ за најновата економска мерка.

Од најголемата опозициска партија потсетуваат на последните податоци кои покажуваат дека минималната синдикална кошница за месец декември е зголемена за 840 денари и изнесува 62.861 денари.

-Додека народот се мачи да преживее, Мицкоски и ДПМНЕ одбиваат да прифатат зголемување на минималната плата, не го прифаќаат предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ на храната. СДСМ ќе продолжи да се бори и да предлага решенија за ублжување на последиците и подобрување на стандардот на граѓаните, стои во соопштението на партијата на Венко Филипче.

Расте бројот на производи во „Новогодишната кошница“, намалувањето на цените е и над 10%, вели министерот за економија кој заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат направија обиколка во неколку маркети низ Скопје.

Тие со апел до трговците да ја почитуваат мерката до крај, односно до 15-ти јануари, оти се работи за нивен предлог, поддржан од Владата.

ДПИ добил поплаки од граѓаните за зголемени цени, но во маркетите наишле само на ситни пропусти. Инспекторите продолжуваат со засилени контроли на терен, а за секоја измама граѓаните да пријават на 191.

Бројката на производи надмина 1100 и тоа од 95 трговци на 42 синџири маркети.

За разлика од есенската кошничка, која траеше околу месец и половина, празничните кошнички што ги најавува Министерството за економија, а треба да ги намалат цените на производите, ќе траат од 15 до максимум 30 дена.

Слични содржини