Во најава целосен пресврт: Лидерката на екстремно-десничарската AfD фаворит за нов канцелар на Германија?

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Алис Вајдел, лидер на десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), го презеде водството пред Фридрих Мерц, лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во трката за германски канцелар, покажуваат најновите анкети.

Според истражувањето на агенцијата „ИНСА“ за „Билд“, 24 отсто од Германците би ја избрале Вајдел за канцелар, додека 20 отсто би го поддржале Мерц.

Сепак, истражувањето е направено два дена пред нападот на божиќниот пазар во Магдебург, кога саудиски лекар, кој веќе 20 години живее и работи во Германија, уби пет лица. Прашањето е како екстремната десница, која својата популарност ја гради на омраза кон мигрантите, ќе го толкува овој настан, бидејќи напаѓачот бил ултрадесничар – јавен поддржувач на AfD и критичар на исламот.

Експертите, сепак, не веруваат дека овој инцидент ќе и наштети премногу на AfD на изборите на 23 февруари, бидејќи партијата веќе има солидна база на десничарски гласачи кои остануваат лојални без разлика на се и нема да имаат премногу влијание врз гласачи кои пребегнаа во AfD, незадоволни од коалицијата предводена од канцеларот Шолц.

„AfD веројатно премногу ќе ја поедностави целата работа, ќе ја идентификува миграцијата како фундаментален проблем и ќе тврди дека сторителот воопшто не требало да биде тука, иако тој всушност бил потребен како лекар“, вели за „Тагешпигел“ Бенџамин Хоне, политиколог на Универзитетот во Кемниц, потсетувајќи дека AfD, исто така, излезе неповредена од претходните скандали, како што се аферите на нејзините политичари за време на европските избори.

Хоне смета дека CDU може да згреши ако сега реши да ја заостри својата миграциска политика, бидејќи десничарските гласачи на крајот ќе ја изберат партијата што им „нудела“ антиимигрантски ставови од самиот почеток, имено AfD, а не онаа што се обидува да ги смири неколку недели пред изборите.

AfD, основана во 2013 година, има околу 19 до 20 отсто од гласовите на национално ниво, што ја прави втората најсилна партија зад CDU/CSU. Вајдел моментално ужива поголема популарност од самата партија, што укажува на нејзината привлечност меѓу различни гласачи. Вајдел би можела да добие уште поголема популарност бидејќи прашањето за имиграцијата стана поважно за Германците отколку економијата, инфлацијата и губењето на работните места. Таа не е типичен лидер на екстремната десница.

Не е толку изненадувачки што таа е жена, бидејќи жените сè повеќе го преземаат лидерството на десницата (Марин Ле Пен во Франција и Џорџа Мелони во Италија). Но, Вајдел е поинаква бидејќи е лезбејка и има две деца со нејзината партнерка, швајцарска продуцентка со потекло од Шри Ланка. Како тогаш таа успеа да застане на чело на партијата позната по своите шовинистички и ксенофобични ставови и како стана личност избрана од AfD за нејзин кандидат за канцелар?

Која е Алис Вајдел?

Па, во голема мера, партијата AfD го должи својот подем токму на Вајдел, која ја подигна партијата од типично популистичка на онаа која успешно комуницира и со пониските класи и со претприемачите.

Вајдел е родена во 1979 година во Западна Германија. Работела како аналитичар во „Голдман Сакс“ и поминала шест години во Кина, каде што работела во Банката на Кина. Научила течно мандарински јазик, а по враќањето во Германија докторирала на Универзитетот во Бајројт, на тема одржливост на кинескиот пензиски систем.

Таа подоцна работеше како хонорарен деловен консултант и влезе во политиката во 2013 година, привлечена од противењето на AfD на еврото. AfD, сепак, оттогаш значително ја промени својата политичка насока. По бегалската криза во 2015 година, партијата почна сè посилно да користи антиимигрантска реторика, повикувајќи на заострување на мерките за контрола на миграцијата и протерување на криминалците. Вајдел се залагаше за изградба на затвор во Северна Африка за депортирани криминалци и за повлекување на Германија од Европскиот суд за човекови права.

Во 2017 година, AfD освои речиси 13 отсто од гласовите на сојузните избори, со што партијата и го обезбеди третото место во Бундестагот, а голема заслуга има Вајдел, која таа година го презеде челството на партијата со Тино Крупала. Нејзиното смирено и артикулирано однесување помогна да се намали радикалниот имиџ на партијата и ја истакна нејзината способност да допре до гласачите од средната класа и економски конзервативните кои се чувствуваат запоставени од глобализацијата и имиграциските политики.

AfD, имено, не е партија на финансиски експерти. Нејзините гласачи се претежно мажи, над 30 години, образовани и со среден приход. Партијата е особено популарна во источногерманските покраини. Иако е високо образована и често се претставува како рационален глас во AfD, многумина сметаат дека Вајдел е опортунист.

Позната е по своите провокативни говори во кои намерно поларизира и создава поделби меѓу „ние“ и „нив“, во кои често не е јасно кој на која страна припаѓа. Таа го напаѓа политичкиот естаблишмент, Европската унија и опасностите што ги гледа во масовната имиграција. Таа се залага за построги контроли на имиграцијата, пониски даноци и националистички пристап кон германскиот идентитет. Патем, истрагата на „Велт ам Зонтаг“ откри дека нејзиниот дедо Ханс Вајдел бил истакнат нацистички судија, директно назначен од Адолф Хитлер и одговорен за казнување на противниците на Третиот Рајх. Вајдел, исто така, ја критикува политичката коректност и она што таа го гледа како „левичарски“ вредности кои доминираат во германската политика. Таа предложи и „Дегзит“, односно излегување на Германија од ЕУ и вети дека доколку победи ќе одржи референдум за напуштање на Унијата.

И покрај нејзината сегашна популарност, нејзината приватна и политичка позиција предизвика многу контроверзии, дури и во нејзината сопствена партија.

Имено, нејзиното семејство не ја отсликува сликата на традиционално семејство што ја пропагира AfD. Пратеникот на Зелените, Свен Леман ги истакнува противречностите во животот на Вајдел и сугерира дека таа лично се соочува со „омраза и потсмев“ во сопствената партија.

„Колку самоизмама треба да трпи Алис Вајдел секој ден за да биде претседателка на таа AfD?“ прашува Леман.

Меѓу попознатите скандали е оној од 2017 година, кога „Ди Цајт“ откри дека Вајдел незаконски ангажирала сириска бегалка да врши домашна работа во нејзиниот дом во Швајцарија. Азилантката наводно немала писмен договор за вработување, а недостасувале и фактури за извршената работа.

Вајдел на тие тврдења одговори на Твитер, тврдејќи дека тоа се „лажни вести“ и дека сириската бегалка во нејзиниот дом престојувала како гостин, а не како вработена.

За Алис Вајдел, која сонува за политичка кариера слична на онаа на Маргарет Тачер, предизвиците продолжуваат. Дури и ако AfD стане најсилната партија, нема да може да коалицира со другите партии поради политиката на блокирање на крајнодесничарските опции во Германија, познати како „Брандмауер“. Оваа стратегија е создадена како одговор на нацизмот, а според неа, секоја соработка со екстремно десничарските сили се смета за неприфатлива бидејќи може да доведе до повторно оживување на радикалните идеологии.

Слични содржини