Актуелниот четирикратен шампион на Англија, Манчестер Сити се наоѓа во најголемата криза во последниве години, а тренерот Пеп Гвардиола минува низ најтешкиот период во кариерата. Сити загуби девет од последните 12 натпревари. Актуелниот шампион на Англија, кој четврти пат по ред ја освојува титулата, по 17 кола сезонава е само на седмото место во Премиер лигата со 12 бода помалку од водечкиот Ливерпул, кој има натпревар помалку.
Сити е далеку од врвот и титулата и се бори за местото кое води во Лигата на шампионите, кое сега е на четири бода. На две кола пред крајот на регуларниот дел од новата ЛШ, Сити е едвај на 22. место, на само две позиции од линијата што значи испаѓање. Би се рекло дека малкумина можеле да го предвидат ова, но некој го направил тоа.
Станува збор за легендарниот англиски напаѓач Мајкл Овен, кој во август годинава, набрзо откако Сити ја потврди четвртата титула во низа, прогнозираше дека актуелниот шампион ќе се мачи да заврши меѓу најдобрите четири во Премиер лигата. „Арсенал ќе биде прв, Ливерпул втор, Астон Вила трета и Сити четврти. Оваа година може да се сопнат. Неверојатната серија мора да заврши“.
Овен зад себе остави одлична кариера, иако многумина сметаат дека можеше да биде многу подобро доколку сериозните повреди не го попречија неговиот развој. Тој остави најдлабока трага во Ливерпул, каде во 2001 година, како 22-годишен, стана еден од најмладите добитници на „Златната топка“ во историјата.
Таа сезона го освои и Купот на УЕФА, а подоцна ги носеше и дресовите на Реал Мадрид, Њукасл, Манчестер Јунајтед и Стоук Сити. За Англија играше 89 пати и постигна 40 гола. По неговата играчка кариера, Овен повремено работи како телевизиски коментатор.