Ќе растат платите на сите вработени, но нема да растат на функционерите, тврди премиерот

од Nikola Popovski
56 прегледи

Во 2025-та година платите на сите вработени во државата ќе се зголемат, но покачувањето нема да важи за функционерите. Ова денес го потврди премиерот Христијан Мицкоски за време на поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во населбата Црешево, Општина Гази Баба.

„Ќе се залагаме сите вработени во државата да добијат подобри примања и ќе работиме активно на тоа. Но, ова покачување нема да важи за функционерите. Тоа јасно го најавивме и сега го спроведуваме. Предлагаме промена на законот што ќе го оневозможи зголемувањето на платите на функционерите, и ова законско решение наскоро ќе биде разгледано од пратениците“, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека одлуката за исклучување на функционерите од покачувањето на платите е правилна, иако, како што вели, постои дебата околу тоа прашање.

„Верувам дека ова е исправна одлука, иако постојат различни мислења околу ова прашање. Ние ќе продолжиме да работиме во корист на граѓаните и на оние кои ни ја дадоа својата доверба како Влада“, додаде премиерот.

Платата на функционерите се пресметува така што просечната плата од претходната година се множи со коефициент на сложеност, на што се додаваат другите додатоци како минат труд, бонуси, разни надоместоци и сл. Пред февруарските измени на коефициентите тие беа во распон од 2,2 до 4,5, а по измените се намалија од 1,91 до 3,92. Со ова намалување коефициентите беа „нивелирани“ на начин да останат актуелните плати по ланското драстично зголемување од 78 отсто и ниту една плата да не се намали, но и да нема значителни зголемувања. Ако не ги намалеа коефициентите, платите ќе им пораснеа за нови 200 до 400 евра.

Уставниот суд во март 2023 година ја донесе одлуката со која 78 % се зголемија платите на 1.050 избрани и именувани лица.

Слични содржини