Ердоган: Сириските Курди или ќе го положат оружјето или ќе бидат погребани со него

од Vladimir Zorba
44 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска предупреди дека курдските бунтовници во Сирија или ќе го положат оружјето или „ќе бидат погребани со него“.

– Сепаратистичките убијци или ќе се збогуваат со оружјето, или ќе бидат погребани во сириските земји заедно со оружјето – им порача Ердоган на пратениците од неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) во парламентот.

Тој исто така рече дека Турција наскоро ќе отвори конзулат во Алепо и додаде дека Анкара очекува зголемување на граничниот сообраќај во летото следната година, кога поголем број сириски бегалци ќе почнат да се враќаат во својата земја, пренесе Ројтерс.

Претходно денеска турското Министерство за одбрана соопшти дека турската војска убила најмалку 21 милитант на Курдистанската работничка партија (ПКК) и на сириската курдска група YGP во напади во северна Сирија и Ирак.

ПКК, прогласена за терористичка организација од Турција, Европската Унија и Соединетите Држави, започна вооружен бунт против турската држава во 1984 година, во кој досега загинаа 40.000 луѓе.

Турција ја смета YGP, водечката сила во Сириските демократски сили (СДФ), поддржани од САД, за продолжување на ПКК и исто така ја класифицира како терористичка група.

По падот на сирискиот претседател Башар ал Асад претходно овој месец, Анкара постојано инсистираше на распуштање на YGP, тврдејќи дека групата нема место во иднината на Сирија.

Анкара рутински спроведува прекугранични воздушни напади и воени операции насочени кон ПКК, а операциите што ги спроведува денес се дел од тековните судири меѓу фракциите поддржани од Турција во Сирија и YGP, според Ројтерс.

Слични содржини