Министерот за внатрешни работи Џелал Свечља денеска соопшти дека косовската полиција затворила објект во кој функционирале „паралелни“ институции, кои работат според законите на Србија.
„Во целосна согласност со нашето законодавство, во рамките на меѓуинституционалната соработка и заедничките напори за сузбивање на секоја незаконитост во нашата земја, денеска беше затворена паралелна институција на Србија во Северна Митровица. Според материјалите на нашата полиција, станува збор за институција која незаконски наплатувала граѓани и бројни деловни субјекти за користење објекти наводно под нивно управување. Оваа злоупотреба направена под знамето и грбот на Србија, a освен што денеска е затворена, ќе биде истражена до крај“, напиша Свечља на Фејсбук.
Според порталот Kossev.info, косовската полиција ја запечатила зградата на Дирекцијата за урбано градежно земјиште и патишта, во која се наоѓаат и просториите на Јавното станбено претпријатие.
Пред тоа, целиот преостанат инвентар, вклучувајќи компјутери и канцелариска опрема, беше отстранет од објектот.
Откако ја смениле бравата на вратата, полицијата го напуштила местото на настанот.
Во исто време, според истиот извор, работниците на Јавното комунално претпријатие „Стандард“ од зградата го извадиле инвентарот што наводно е во нивна сопственост.
Од друга страна, инспекторите на косовската полиција презентирале, како што се претпоставува, доказен материјал.
Пред зградата беа симнати српските знамиња.
Полициската акција се случила на барање на општина Северна Митровица, потврди за медиумите заменик командирот на полицијата за регионот на северно Косово, Ветон Ељшани.
„Општина Северна Митровица побара од нас да провериме што се случува. Тие тврдат дека тоа е нивна сопственост. Дојдовме со нив, влеговме во просториите и разговаравме со вработените. Дознавме дека тука може да функционира паралелна дива структура“, рече Ељшани.
Елшани потврди дека со согласност на надлежното обвинителство е отворен и случајот „Фалсификување исправа“.
Се наведува дека допрва ќе се утврдува кој е сопственик на објектот.