Партиите на буржоазијата не смогнаа храброст барем еднаш да спроведат економска мерка согласно потребите на граѓаните. Повеќе од триесет години, СДС и ДПМНЕ се во трка за што поголемо удоволување на клептоманските апетити на домашната олигархија. Се додека стопанските комори ги пишуваат владините мерки, ваквата политика ќе остане непроменета, порачаа од Левица преку соопштение.
Од партијата потенцираат дека инфлацијата се зголемува, куповната моќ се намалува, платата на работничката класа стагнира, а социјалната раслоеност расте.
-Краткорочните мерки на Владата наместо да ја ублажат инфлацијата, тие долгорочно ги продлабочија џебовите на олигархијата. Инспекторатот и државните служби не покажаа карактер и уште еднаш потфрлија пред енормните профити на трговската мафија, велат од партијата на Димитар Апасиев.
Оттаму партијата предлага дефинирање дозволен профит – ограничување на профитот како разлика меѓу влезната фактура и излезната малопродажна цена; привремено укинување на ДДВ на основните производи; привремено укинување на царини – за одредени групи производи, со цел намалување на трошоците и стабилизирање на цените и итна поддршка за домашното производство – преку програми за зголемување на конкурентноста на најдефицитарните производи, чии цени најмногу пораснале.
Од мониторингот кај трговците на мало е утврдено дека цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто, но се додадени и околу 30 нови производи (млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца) каде се бележи намалување од 10 до 20 отсто, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Оттаму додаваат дека од вчера пазарниот инспекторат е на терен низ цела Македонија и врши контроли кај добавувачите, производителите и маркетите.
„Мониторинг на цените се спроведува кај производите кои се дел од Новогодишната кошница, но дополнително и кај одредени основни прехранбени производи кои не се дел од кошничката“, информираат од ДПИ.
Во месец ноември, како што е посочено во соопштението, постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата „Новогодишна кошница“ постигнато е нивно стабилизирање и намалување.