ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека седум години, колку што СДСМ беше на власт, не успеа ни 1% да го намали загадувањето на воздухот. Според партијата на власт, прес-конференциите на СДСМ каде што критикуваат за загадувањето на воздухот, се крајно лицемерни.
-За разлика од нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку конкретни чекори ќе се бори против загадувањето на воздухот. Некои од мерките се, субвенции за инвертер клими, финансиска поддршка за еколошки технологии, пошумување и забрзана гасификација, како и иновативни решенија за одржлива иднина, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од СДСМ порачаа дека шест месеци како власта на ДПМНЕ ја презеде одговорноста и ништо сериозно не се презема со загадениот воздух. Истакнуваат дека граѓаните се оставени сами на себе.
Во меѓувреме, Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во светот, според листата што ја објавува специјализираниот „IQAir“.
Во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19% од вкупната смртност. Главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички.
Според Светската здравствена организација, загадувањето е опасно по здравјето ако просеците на ПМ10 честичките надминуваат 45 микрограми на метар кубен во 24 часа, додека за честичките ПМ2,5 надминувањето во просек не треба да биде повеќе од 15 микрограми на метар кубен на ден.
За власта заштитата на животната средина е меѓу најмалку приоритетните прашања ако се погледне распределбата на парите во Буџетот за следната година.