Русија му се извини на Азербејџан за „трагичниот инцидент“

од Nikola Popovski
56 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев, соопшти прес-службата на Кремљ. Путин и Алиев детално разговарале за падот на авионот на Азербејџан ерлајнс кај Актау, Казахстан.

Како што пренесуваат руските медиуми, особено се истакнати следните детали:

Путин му се извинил на Алиев за фактот дека авионската несреќа се случи на небото над Русија. Тој повторно изразил длабоко и искрено сочувство до семејствата на загинатите и на повредените им посака брзо закрепнување.

Во разговорот било истакнато дека авионот на АЗАЛ, кој летал според распоредот, неколку пати се обидел да слета на аеродромот во Грозни. Во исто време, Путин тврди дека главниот град на Чеченија, како и Моздок и Владикавказ, биле нападнати од украински борбени беспилотни летала, но и одбиени од системите за противвоздушна одбрана.

Како што јавија руските медиуми, Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка врз основа на „Повреда на правилата за безбедност во сообраќајот и управување со воздушниот сообраќај“. Се вршат основни истраги, а во тек се и испитувања на цивилни и воени експерти.

-Во моментов, двајца службеници на Генералното обвинителство на Азербејџан се во Грозни, каде што работат заедно со претставници на руското Генерално обвинителство и Истражниот комитет. Релевантните служби на Русија, Азербејџан и Казахстан тесно соработуваат на местото на несреќата во областа Актау, соопштиле од Кремљ.

-Има индиции дека Русија е можеби одговорна за падот на азербејџанскиот авион над Казахстан, вели портпаролот на Белата куќа Џон Кирби. Авионот бил цел на руските системи за противвоздушна одбрана при обид да слета во Чеченија, но бил пренасочен кон Казахстан, каде што се случила несреќата.

Азербејџанските власти соопштија дека авионот бил под надворешен удар, вклучително и електронско заглавување на системот ГПС и експлозии на проектили. Сè уште не е позната официјално причината за падот на авионот.

Во несреќата загинаа 38 лица, а 29 беа спасени. Азербејџан повика на меѓународна истрага.

Слични содржини