Честитка на Филипче за Новата 2025 година: Подготвени сме за локалните избори каде што ќе понудиме силни кандидати

од Nikola Popovski
34 прегледи

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во новогодишото обраќање на сите граѓани им ја честита Новата 2025 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и успех во новата година.

-Изборниот пораз не беше само предупредување, туку и поттик за нас да се смениме, да бидеме подобри и подостапни за секој граѓанин. Покажавме дека умееме да се соочиме со реалноста, да извлечеме поуки и да продолжиме со јасна визија. Денес, СДСМ е партија со нова енергија, со раководство кое е тука за да ги слушне вашите потреби и да понуди решенија.

2024 година, за жал, донесе изневерени надежи за многумина. Наместо економски раст, стабилност и европска перспектива, од новата Влада видовме стагнација и блокади. Владата ги изневери граѓаните уште во првите шест месеци. Не успеа да донесе реформи, го срози стандардот на граѓаните и ги замрзна платите. По шест месеци се живее полошо дури од времето на економските кризи кои се сега далеку зад нас. Ова е последица на негрижата за граѓаните, за жал, добивме Влада која се грижи за интересите на малкумина од елитата а ги заборава оние кои и ја дадоа довербата, истакна лидерот на СДСМ.

Филипче е дециден дека СДСМ никогаш нема да го изгуби својот фокус – секој човек е важен, секој проблем е наш заеднички предизвик. Вели дека ќе се борат за зголемување на платите и пензиите, за нови работни места и за реална борба против сиромаштијата.

Во 2025 година нè очекуваат важни предизвици, но и нови можности. Заедно мора да се подготвиме за редовниот избор на претседател на партијата, кој ќе донесе уште поголемо единство и сила во нашите редови. Подготвени сме за локалните избори, каде што ќе понудиме силни кандидати кои ќе работат за вистински промени на локално ниво. Ќе продолжиме да бидеме конструктивна опозиција која нуди решенија, а не само критики.

Но најважно од сè – ќе останеме гласот на народот, гласот на надежта, на борбата за држава во која секој човек ќе се чувствува горд што живее овде, кажа меѓу другото Филипче во честитката.

Слични содржини