ДУИ: Албанците да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик

од Nikola Popovski
113 прегледи

ДУИ повторно упати критики кон премиерот Христијан Мицкоски. Денеска преку соопштение порачаа дека „вчерашната негова изјава јасно ја откри намерата да го деградира официјалниот статус на албанскиот јазик, претворајќи го во застарена и неприфатлива формула, како што беше во Законот од 2008 година, каде албанскиот јазик се користеше само на барање на Албанците и преку пополнување на посебни формулари“.

Според ДУИ, ова е отворен обид да се укине правото на јазик гарантирано со Уставот и Законот за употреба на јазиците од 2018 година, со што албанскиот стана официјален јазик во сите централни институции.

-Сега е јасно дека власта не ја препознава оваа реалност и подготвува терен за укинување на овој закон преку Уставниот суд. За ДУИ ова е неприфатлива постапка и нема да дозволиме албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус и да биде условен од бирократијата или нечија политичка волја.

Ќе ги искористиме сите политички, правни и демократски средства за да се спротивставиме на ова назадување и да ги браниме нашите тешко стекнати права.

Ги повикуваме сите Албанци да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик и обединети да застанат против овој обид за намалување на политичкиот и правниот статус на Албанците, стои во партиското соопштение од Мала Речица.

Со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред се експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат.

Законот за употреба на јазиците, кој содржи 25 члена, беше изгласан во 2018 година, а стапи на сила во 2019 година.

Со иницијативите се оспорува и самиот негов назив, како и сите 25 члена. Се спори неговата проширена употреба во судските правосудните постапки, двојазичните униформи, симболите на парите, издавањето двојазички лични документи итн.

Слични содржини