Мицкоски очекува неосновани критики на седницата за интерпелациите

од Nikola Popovski
23 прегледи

По новогодишниот и божиќен одмор, пратениците во петок повторно на работа со нова седница на која се ставени пет интерпелации. Три за министри, една за заменик министер и за претседателка на собраниска комисија. Ќе се дискутира за работата на првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени. Сите интерпелации против владините функционери се поднесени од Европскиот фронт, предводен од ДУИ.

Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува дека интерпелациите на министрите ќе бидат успешни. Очекува и говор кој би можел да побуди чувства на етничко непријателство. Смета дека сите овие напади на неговите членови на владиниот кабинет се неосновани.

-Очекувам поларизирани напади од опозицијата. Сметам дека обидот ќе биде неуспешен и критики кои што немаат никаква врска со реалноста. Таква ни е опозицијата во моментов. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе, рече премиерот при посета на општина Штип.

Социјалдемократите веќе се изјаснија дека нема да ги поддржат интерпелациите на министрите. Сепак пратеничката група на СДСМ на координација ќе го усогласи настапот на нивните пратеници за време на интерпелациите.

Интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ во нашиот правен поредок. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија за една тема, за еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието.

Слични содржини