Безбедносно-разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта, објави поранешниот технички министер Наќе Чулев.
Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, Чулев јавно го повикува Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не биле доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побарал во неколку наврати.
-Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до владата и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени.
-Тука се поставува јавно прашањето: доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не беа доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати беше побарано од моја страна? Неопходно е јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија, објави Чулев на социјалните мрежи.
По допрен глас, Јавното обвинителство информираше дека отвори предмет за „Цилиндар“ и „Џокер“ и за тврдењето на Мицкоски дека бил следен како опозиционер од страна на АНБ во 2020 година и дека располагала со наводни информации дека е организатор на вооружени терористички структури, а оти за тоа не го информирала МВР зашто во тој период технички министер бил токму Чулев.
„Цилиндар“ и „Џокер“ се имињата на измислените лица кои, според премиерот, се креирани од разузнавачките служби, во пресрет на изборите во 2020 година, кога беше во опозиција, со цел да создадат алиби за негово следење. Деталите ги објави самиот, во одговор на пратеничко прашање на крајот на декември 2024 година, каде презентираше и документ дека се следени и речиси сите сегашни функционери од неговата партија, но и целото негово семејство.