ВЛЕН ги осуди изјавите на Костадинов и го нарече „маргинален проруски политичар од Бугарија“

од Nikola Popovski
34 прегледи

Коалицијата ВЛЕН изрази загриженост и ги осудува изјавите на бугарскиот политичар и лидер на партијата Преродба, Костадин Костадинов кој посака анексија на Македонија, тврдејќи дека „нема ништо пологично од обединување на земјата со Бугарија“. Коалицијата составена од три партии го нарече Костадинов – „маргинален проруски политичар од Бугарија“.

Според ВЛЕН, ваквите изјави не придонесуваат за подобрување на односите меѓу двете соседни земји, ниту го олеснуваат процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

„Би сакале да потсетиме дека Бугарија, преку Договорот за добрососедство вети дека ќе биде партнер, промотор и поддржувач на С.Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Коалицијата ВЛЕН во рамките на Владата прави сериозни напори за отстранување на пречките кои го спречуваат исполнувањето на условите за полноправно членство во ЕУ. Сепак, ваквите провокации го уназадија процесот и ги поткопуваат искрените напори да се поттикне патот на С. Македонија кон целосна интеграција во европското семејство. ВЛЕН ќе продолжи да работи за заштита на интересите на граѓаните на С.Македонија и за обезбедување безбеден пат кон европската интеграција“, нагласуваат од ВЛЕН.

Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека силно ја осудува објавата на Костадинов со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава.

-Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи, се наведува во реакцијата на македонското МНР.

Министерството ја оценува изјавата на Костадинов како недолична и непримерна и очекува да биде отфрлена од официјална Софија.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче претходно на својот Фејсбук профил го осуди напишаното на Костадинов и побара реакција од Софија и од ЕУ.

„Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и негира посебниот македонски етнички идентитет. Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската унија“, објави лидерот на СДСМ.

Слични содржини