Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски информираше дека британската авиокомпанија „EasyJet“ формално поднела документи за авиолинијата Скопје-Париз до аеродромот „Орли”, кој што е најблиску до центарот на Париз.
Тој потенцираше дека во наредниот период се очекува да бидат потврдени уште 3-4 дестинации до кои ќе се лета од македонските аеродроми.
Од март годинава, нискобуџетната компанија „Тransavia“ ќе започне со летови меѓу Амстердам и Скопје. Ќе биде првпат аеродромот „Схипхол“ и македонскиот главен град да бидат поврзани со редовен авиопревоз по септември 2008 година. Подружницата на групацијата „Ер Франс – КЛМ“ ќе започне со работа од и до Скопје на 2 март оваа година и ќе лета двапати неделно.
Исто така од 30-ти март , двапати неделно ќе се лета Скопје-Дубаи-Скопје со компанијата „Fly Dubai“. Од 30-ти јуни, двапати неделно ќе се лета Скопје-Барселона-Скопје. Од истиот ден, трипати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје.
Во однос на Охридскиот аеродром, двапати неделно ќе се лета Охрид-Базел-Охрид. Исто така, „Тurkish Airlines“ од 30-ти март ќе лета на дестинација Охрид-Истанбул-Охрид.
Министерот информираше дека во моментов, во летниот период на летање на Меѓународниот аеродром- Скопје се оперираат 47 дестинации, а од Охридскиот 8. Во зимскиот период, пак, од Скопје 38 дестинации и 4 од Охрид.
„Wizzair“ е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгарт, Базел, Барселона и Лион.