Македонија по примерот на ОАЕ: Со „Безбеден град“ ќе се намалува бројот на смртни случаи во сообраќајки

од Nikola Popovski
51 прегледи

Во рамки на техничката влада, доколку имаше простор и време да се посветев за микроменаџирање, можеби ќе завршевме и порано од аспект на имплементацијата, но, за жал бевме посветени на друга работа и тоа се покажа како добар резултат од аспект на организација на изборите, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, запрашан кога ќе профункционира системот кој ќе предвидува казни за прекршоците што ќе ги регистрираат видео-камерите поставени на улиците низ Скопје.

Сега овој проект, како што додаде првиот полицаец во државата, е еден од приоритетите на МВР. Тошковски тврди дека оваа година проектот ќе биде имплементиран.

Освен што ќе бидат инсталирани камерите и поврзани со оптички кабли и сите потребни дозволи, ќе треба да се подготви и законска легислатива, судовите, УЈП и еден поширок институционален пристап.

-Во моментов се изготвува нов предлог-закон. Проектот е многу битен. Ако во ОАЕ успеале за 4 години драстично да ја намалат бројката на смртни случаи со имплементација на Безбеден град, верувајте дека бројот на смртни случаи како последица на сообраќајки, во најмала рака треба да се намали со имлементација на проектот. Посветени сме и секој ден работиме. Имаме вклучени и професори од експертската фела, информира Тошковски, додавајќи дека во ОАЕ, бројката се намалила од 250 на 140. Во Македонија, бројката на смртни случаи се движи меѓу 130-140 како последица на сообраќајни незгоди.

Лани во октомври, министерот појасни како ќе функционира системот.

-И уште една причина е што повеќе не можете да повикате никого да ви ја скине казната. Нема каде да се јавите. Компјутер е, треба да се јавите на компјутерот, рече Тошковски запрашан дали и во иднина ќе има јавувања, ургенции за укинување на прекршоци кои ќе произлезат од безбедносните камери.

За ова да профункционира потребни ќе бидат законски измени, но она што досега е познато е дека во иднина со овие камери ќе се казнува за брзо возење и поминување на црвено, а се прават напори да се казнува и за неносење појаси, лошо и опасно престројување и непрописно паркирање на коловозните ленти.

Во последниот период сме сведоци на се повеќе сообраќајни несреќи, некои за жал и со трагични последици.

Инаку, овој проект имаше своја проба во месец јуни 2024 година, кога за само два часа тестирање на системот биле забележани околу 5.000 сообраќајни прекршоци.

Слични содржини