Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд е се поблиску да стане позајмен играч на Милан.
Неговите претставници веќе разговарале со спортскиот сектор на „росонерите“ и на Англичанецот многу му се допаднал планот што му го претставил клупскиот советник Златан Ибрахимовиќ, пишува италијанска „Газета“ во петочниот број.
Рашфорд и Ибрахимовиќ беа соиграчи од 2016 до 2018 година во дресот на „црвените ѓаволи“, што секако му помогна на Швеѓанецот со босанско потекло да го привлече својот поранешен клубски колега во градот на модата.
Исто така, неговите сонародници Тами Абрахам, Рубен Лофтус-Чик и Фикајо Томори просперираа откако се приклучија на седумкратниот европски шампион, што може да биде важен фактор во одлуката за репрезентативецот на Гордиот Албион.
Агентот на играчот, Двејн Мејнард, смета дека има големи шанси да се оствари овој трансфер, а тоа би било позајмица до крајот на сезоната. Тој ги известил челниците на тимот од Ломбардија дека ќе ислушаат уште шест-седум понуди пред да донесат конечна одлука, а најконкретна досега била Борусија Дортмунд.
Сепак, 27-годишниот крилен напаѓач би ја претпочитал Серија А пред Бундеслигата, што на тимот од „Сан Сиро“ му дава очигледна предност.
Милан понуди да покрие половина од седумте милиони евра колку што изнесува преостанатата заработка на Рашфорд за оваа сезона. Се чека одговор од „театарот на соништата“, како и евентуален договор за условите.
Серхио Консеиао не може да смета на повредениот Самуел Чуквуезе, а заминувањето на Ноа Окафор во Лајпциг отвора дополнителен простор во нападот на италијанските вицешампиони.
Маркус Рашфорд оваа сезона одигра 24 натпревари во сите натпреварувања. Погоди седум пати, а имаше и три асистенции.