Последните податоци за „Македонија Пат“, презентирани во медиумите, повторно го отвораат прашањето за ефикасноста и одговорноста на јавните институции. Доделувањето три тендери од по 1,3 милиони евра за набавка на сол и ризла, додека недостасува механизација за одржување на патиштата, јасно укажува на системски недостатоци и неефикасност во функционирањето на јавниот сектор, велат утрово од Македонски концепт.
Македонски Концепт цврсто се залага за целосна трансформација на јавниот сектор, вклучувајќи негова приватизација во услови кога истиот не е способен да функционира според пазарни услови и претприемнички стандарди. Ова е особено важно за сектори каде што јавните услуги директно влијаат на безбедноста, како што е одржувањето на патиштата.
Без квалитетна механизација, стручна експертиза и одговорност, „Македонија Пат“ ја доведува во прашање безбедноста на граѓаните и интегритетот на патната инфраструктура. Приватизацијата и воведувањето пазарни принципи, врз база на претриемнички стандарди, не само што ќе ги зголемат ефикасноста и транспарентноста, туку и ќе обезбедат современи решенија кои ги следат светските стандарди.
Ги повикуваме институциите и јавноста на дијалог за иднината на јавниот сектор во Македонија, со фокус на воведување иновативни и претприемнички пристапи за подобрување на услугите и условите за граѓаните.
Македонски Концепт силно останува на својата програма Рестарт за Македонија, преку залагање за модерна и функционална држава, стои во соопштението.