Роналдо во 2024 година заработил 80 милиони долари повеќе од десетте најплатени спортистки во светот заедно

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо заработил речиси 80 милиони долари повеќе од десетте најплатени спортистки во светот во 2024 година. Ова го покажува студијата на betideas.com врз основа на податоците на „Форбс“.

Роналдо, кој за помалку од еден месец ќе наполни 40 години, минатата година заработи 260 милиони долари. Тука спаѓаат неговите плати од саудискиот клуб Ал Наср за кој настапува, како и од рекламните договори. Тој е и единствениот спортист, заедно со голферот Џон Рам, кој минатата година имал заработка од над 200 милиони долари.

Втор е Рам со 218 милиони долари, а на третото место е аргентинскиот фудбалер Лионел Меси. Ѕвездата на Интер Мајами минатата година заработи 135 милиони долари. Тој е пред кошаркарите Леброн Џејмс (128 милиони долари) и Јанис Антетокунмпо (111 милиони долари), кои ја комплетираат топ 5. Во топ 10 се и фудбалерите Килијан Мбапе, Нејмар и Карим Бензема, кошаркарот Стеф Кари и американскиот фудбалер Ламар Џексон, а сите добиле помеѓу 100 и 110 милиони долари во последните 12 месеци.

За споредба, кај жените најголеми приходи се остварени во тенисот. Предводничка со 34,3 милиони долари е Американката Коко Гауф, а по неа е Полјачката Ига Свионтек со 23,8 милиони долари. Во топ 10 се и Кинеската Чинвен Женг, светскиот рекет број еден Арина Сабаленка од Белорусија, Јапонката Наоми Осака, Британката Ема Рудукану и Американката Венус Вилијамс.

Скијачката во слободен стил Ајлин Гу е трета на рангирањето со заработка од 22,1 милиони долари, а покрај неа во топ 10 се и голферката Нели Корда и гимнастичарката Симон Бајлс.

Севкупно, жените со најголема заработка добија 181 милион долари во 2024 година – точно 79 милиони долари помалку од Роналдо. Разликата меѓу мажите и жените во топ 10 е вкупно седум пати.

Роналдо беше најплатен спортист и во 2023 година, со заработка од 275 милиони долари.

Слични содржини