Завршува „новогодишната кошница“: Дали имавме реално намалување на цените?

од Nikola Popovski
45 прегледи

Завршува новогодишната кошница која вклучуваше речиси 1.200 производи, што добија пониски цени за десет насто во изминатиот месец. Надлежните очекуваа поевтинување на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти во споредба со цените во претходните 30 дена. Дел од граѓаните со душа чекаа да купат поевтино, а други пак, беа песимисти дека ќе има реално намалување на артиклите.

На самиот старт на новогодишната кошничка имаше реакции од јавноста дека за сметка на одредени прехранбени производи коишто се намалени, значително поскапеле други производи кои не беа дел од кошничката. Надлежното Министерство за економија и труд апелираше до трговците да се придржуваат до договореното, најавувајќи дека доколку тоа не се случи, ќе се активира одлука за замрзнување на цените или ограничување на маржите.

На почетокот на новогодишната кошничка, кога во маркетите беа поставени налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, јавноста реагираше оти трговците пред да ги намалат производите за 10 отсто, веќе ги зголемиле цените на некои од нив. По одлука на Владата, инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вршеа контроли кај добавувачите, производителите и маркетите со цел да се утврди како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите месеци. Целта, како што рекоа од ДПИ, е да се направат анализи и да се утврди дали постоело нелогично зголемување на цените кај одредени производи.

Од друга страна, Државниот завод за статистика обајви дека инфлацијата во декември лани е за 4,4 проценти повисока од истиот период во 2023 година и дека најголем скок има кај храната.

Со „есенската потрошувачка кошница“ што се применуваше од 24 септември до крајот на октомври беа опфатени 73 производи, а според анализите на Министерството за економија, просечно четиричлено семејство заштедило меѓу 690 и 1.360 денари, во зависност од потрошеното и продавниците каде што се купувало. Наспроти власта, синдикатите реагираа дека трговците ја изиграле мерката зголемувајќи ги цените на производите и најавија дека будно ќе ја следат примената на новогодишната кошничка.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија укажаа дека синдикалната минимална кошничка што ја подготвуват тие ќе биде главниот контролен механизам за тоа дали цените навистина се намалени од страна на трговците.

Сега граѓаните стравуваат од постапката на трговците за повторно враќање на дел од цените.

Власта најави дека ваква мерка ќе има, и за Рамазан и за Велигден.

На 28 септември годинава стапи во сила Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи кој според власта дополнително треба да ги намали цените на производите и трајно да стави ред во трговијата. Со него се опфатени близу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто, поради што се очекува за 10 отсто да ги намали нивните цени.  Со Законот, покрај ограничен рабат, трговците нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.

Слични содржини