📷Членови на проруската владејачка партија брутално го претепаа поранешниот грузиски премиер

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Во Батуми, град на брегот на Грузија, брутално беше претепан поранешниот премиер и лидер на опозициската партија „За Грузија“, Гиорги Гахарија, кој се здоби со потрес на мозокот и скршеница на носот. За нападот се осомничени пратеници од владејачката партија „Грузиски сон“, а како што објави „Georgia Today“, нападот се случил во фоајето на хотелот „Шератон“.

Според грузиските медиуми, очевидци тврдат дека во нападот учествувале пратеникот од партијата „Грузиски сон“, Дмитриј Самхарадзе, членот на Врховниот совет на Аџара од истата партија, Гиорги Манвелидзе и други. Полицијата соопшти дека покренала постапка по член од Кривичниот законик за телесни повреди, но не ги коментираат информациите за вмешаност на пратеници во инцидентот.

Медиумите посочуваат дека полициска патрола пристигнала на местото едвај 40 минути подоцна, многу подоцна од Брзата помош. Во тоа време, персоналот на хотелот веќе почнал да го чисти местото на инцидентот, додека од клиниката во која бил пренесен Гахарија, било пријавено дека тој одбил хоспитализација и ја напуштил болницата откако му била укажана прва помош.

„Според достапните податоци, врз него е извршено физичко насилство. Извршени се клинички, лабораториски и инструментални прегледи. Пациентот е свесен, хемодинамиката е стабилна. Најтешките повреди се фрактура на носната коска и потрес на мозокот. Пациентот ја напуштил клиниката по своја слободна волја“, изјавила доктор Тако Шантаџе.

Помош побарал и грузиски новинар

Покрај Гахарија лекарска помош побарал и познат грузиски новинар Звиад Коридзе. Инцидентот со него се случил пред нападот на Гахарија – додека седел во лобито на хотелот со сопругата. Според него, им пришле Дмитриј Самхарадзе и жената која била со него. Почнале да го навредуваат него, но и партијата Обединето национално движење.

„Самхарадзе почна да пцуе, да ме навредува и да превртува маси. Кога ги видов сите од нивната маса како стануваат и се движат кон мене, отидов во фоајето и побарав помош од обезбедувањето. Интервенираше обезбедувањето, а во тој момент еден од напаѓачите ме удри со предмет.“, рече Коридзе.

Со соопштение се огласи и партијата „За Грузија“

Партијата „За Грузија“ објави соопштение во врска со нападот врз нејзиниот лидер и повика на итна и темелна истрага.

„Партијата „За Грузија“ бара итна и темелна истрага за овој насилен напад организиран од режимот на Иванишвили и повикува сите одговорни да бидат целосно казнети. Овој политички мотивиран напад е јасен обид да се заплаши опозицијата и да се задуши несогласувањето. Таквите акции никогаш нема да ги замолчат гласовите кои се борат за демократската и европската иднина на Грузија“, се вели во соопштението.

Слични содржини