Министерството за одбрана до Владата на САД доставило шест писма со барања преку кои се бара да се реализира набавка на воена опрема. Ова денеска го соопшти заменик-министерката за одбрана, Елфет Исмаили на седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
– Материјалот има за цел да ја информира Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието за потребата од набавување на воена опрема од Владата на САД преку прифаќање на писма на понуди. Фактички, Министерството за одбрана ја разгледа потребата за реформи во одбранбениот сектор. Со долгорочниот план за одбрана се трасира патот на реформите за одбрана и се нуди рамка за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија за достигнување на една целосна усогласеност со членките партнери на НАТО, рече Исмаили.
Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Павле Арсоски ги извести членовите на Комисијата дека материјалот од точката од дневниот ред – Информација за потребата од набавка на воена опрема од Владата на Соединетите Американски Држави преку прифаќање Писма за понуда е со ознака за ограничена употреба.
-Ова значи материјалот не е со степен на квалификација, но истиот не е дозволен за пристап и потребно е да се запази принципот – потребно е да знае согласно Законот за квалифицирани информации и Уредбата за административни работи на безбедносни квалифицирани информации и информации со ограничена употреба. Од тие причини, по излагањето на заменик-министерката за одбрана ќе ја затвориме Комисијата во тој дел и ќе продолжиме со прашања и коментари од страна на членовите на Комисијата, рече Арсоски.
Лани во март беше објавено дека оклопни возила „џавелин“ и „страјкери“, системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериските системи од Турција, хеликоптери и софистицирани дронови се дел од опремата со која во наредниот треба да ги набави Армијата. Последната најава за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, пак, е дел од проект вреден 40 милиони евра кој се финансира од државната каса и со американска помош.
На долгорочен план, за модернизација и опремување на Армијата, во периодот од 2019 до 2032 година ќе се потрошат околу 900 милиони евра.
Македонија на 27 март годинава ќе одбележи пет години од приклучувањето на НАТО. Членките на оваа алијанса, пред десет години се согласија дека за една деценија ќе постигнат квота со која најмалку два отсто од националните буџети ќе бидат наменети за одбраната.