Бауш за новогодишната кошничка: Намалувањето од 0,3% е минимално и не ја адресира суштинската причина за високите цени туку е привремен одговор кој нема долгорочен ефект

од Nikola Popovski
87 прегледи

Проектот „Новогодишна кошничка“ може да се оцени како краткорочна мерка со одреден социјален ефект, но не и како долгорочно успешна иницијатива. Иако целта беше да се обезбеди поддршка за ранливите категории граѓани во период на висока инфлација, неговото влијание врз економијата и животниот стандард останува ограничено, вели во разговор за „Локално“, економскиот аналитичар Абил Бауш за ефектите од мерката на Владата со која беа намалени цените на поголем дел производи. Според него, ваквите мерки главно служат како популистички инструменти кои обезбедуваат моментално олеснување, но не адресираат системските предизвици со кои се соочуваат граѓаните, како што се високите животни трошоци, ниските приходи и недоволната економска стабилност.

Бауш нагласува дека успешноста на ваквите проекти треба да се мери не само по бројот на корисници, туку и по долгорочниот ефект врз економијата и социјалната структура. Во случајот со „Новогодишната кошничка,“ недостатокот на стратешки пристап и фокус на решавање на коренските проблеми го ограничува нејзиниот импакт.

-Наместо вакви ад-хок мерки, Владата треба да се насочи кон политики кои ќе го стимулираат економскиот раст, ќе ја зголемат конкурентноста и ќе обезбедат одржливо подобрување на животниот стандард за сите граѓани, дециден е соговорникот.

На прашањето кој виде „фајде“ од мерката, Бауш оценува дека главниот бенефит го почувствуваа маркетите, додека ефектот врз граѓаните остана ограничен.

-Оваа мерка, иако формално насочена кон поддршка на ранливите категории, всушност ги стимулираше продажбите на трговските ланци, кои профитираа од зголемената побарувачка. Со оглед на тоа што средствата се трошеа исклучиво во определени маркети, ова претставуваше директна поддршка за малопродажниот сектор, а не системско решение за ублажување на инфлаторниот удар врз граѓаните.

Дополнително, ваквите мерки често ги фаворизираат поголемите трговски синџири, кои веќе доминираат на пазарот, оставајќи ги малите локални продавници без значителна корист. Наместо да создаваат реална економска вредност или да ги олеснат проблемите на најзасегнатите категории, ваквите политики ризикуваат да станат механизам за краткорочно стимулирање на поединечни сектори, без реален импакт врз куповната моќ или животниот стандард на граѓаните. За да има вистинска корист за населението, ваквите мерки треба да бидат транспарентни, инклузивни и насочени кон решавање на системски проблеми, дециден е аналитичарот.

Министерството за економија ја оцени мерката како успешна, повикувајќи се на податоци од заводот за статистика дека трошоците за храна и пијалоци во декември се намалени за 0,3%. „Се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка“, велат од ресорот предводен од министерот Бесар Дурмиши. Според Бауш, веројатно е дека ќе следува ново зголемување на цените на производите, особено ако не се преземат посистематски мерки за справување со инфлаторниот притисок. За намалувањето од 0,3% вели дека е минимално и не ја адресира суштинската причина за високите цени, туку претставува привремен одговор кој нема долгорочен ефект. Во услови на висока инфлација, цените обично имаат тенденција да растат повторно, особено ако се зголемат трошоците за енергија, суровини и транспорт.

Дополнително, смета соговорникот, ако ваквите мали намалувања се користат како маркетиншки потег за да се прикаже позитивен ефект од владините политики, а во исто време нема контрола врз синџирите на снабдување и пазарната конкуренција, растот на цените е неизбежен.

-За да се спречат понатамошни ценовни скокови, потребно е да се преземат долгорочни мерки, како што се зголемување на домашното производство, подобрување на логистичките капацитети и поттикнување на конкуренцијата на пазарот. Во спротивно, овие мали намалувања ќе бидат само краткорочна пауза пред новиот раст на цените, анализира Бауш.

Граѓаните стравуваат од постапката на трговците за повторно враќање на дел од цените… На прашањето како да се скротат големите маркети во произволното креирање на цените, аналитичарот вели дека е оправдан стравот на граѓаните од повторно зголемување на цените, особено во услови на произволно креирање од страна на големите маркети. За да се спречи таквата пракса, потребно е Владата да воведе и строго спроведе мерки кои ќе ја ограничат можноста за манипулација со цените.

-Во овој контекст, клучна улога може да одигра Законот за заштита од нефер трговски практики, кој регулира фер однос помеѓу трговците, добавувачите и потрошувачите.

Со примена на овој закон, трговците ќе имаат ограничени можности за спроведување на нефер практики, како што се непотребно зголемување на цените, фаворизирање на одредени производи или условување на добавувачите со неповолни договори. Дополнително, потребна е и засилена инспекциска контрола од страна на надлежните органи за да се гарантира дека трговските синџири се придржуваат кон законските одредби. Со санкции за прекршителите и транспарентност во пазарните услови, граѓаните ќе бидат заштитени од понатамошни манипулации со цените, укажува Бауш и додава дека паралелно, треба да се поттикнува конкуренцијата преку поддршка на локалните мали и средни трговци, кои често се пофлексибилни во своите цени и може да понудат пофер услови за потрошувачите.

-Само преку комбинација на законски механизми, засилена контрола и промовирање на здрава конкуренција, ќе може да се спречат произволните ценовни манипулации од страна на големите маркети, констатира соговорникот.

На листата на кошничката беа опфатени 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери. Од Министерството за економија велат дека поминала успешно, додека за СДСМ, била промашена политика. Според нив, од „кошничките“ се збогатија големите трговци, дестина милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на „Христија Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“. Опозицијата поинаку ги толкува статистичките показатели на државниот завод за статистика. Тие, според СДСМ, потврдуваат дека цените растат, граѓаните имаат сѐ поголеми трошоци за живот, а се помалку пари во цебовите.

Граѓаните со поделени мислења. Дел од нив не се задоволни, а дел дека резултатите можеле да бидат подобри. „Има лажење – пишува дека помалку, а плаќаш повеќе“, „Не стига, затоа гледаме каде има промоции“, „Нема намалување, само нагоре одат цените“, „Има само празни паричници“… се само дел од коментирате на народот.

Владината мерка беше во сила од 15-ти декември до 15-ти јануари.

Колку заштедиле домаќинствата со оваа кошничка ќе се знае за неколку дена по анализите на ресорот економија, но и на синдикатите. Од тие податоци ќе зависи и како ќе се скројат Рамазанската и Велигденската кошничка.

Н.П.

Слични содржини