Хил: Русија мора да излезе од НИС, преку неа ја финансираа војната во Украина

од Nikola Popovski
44 прегледи

Амбасадорот на САД во Србија во заминување Кристофер Хил изјавил синоќа, објаснувајќи ги причините за воведувањето санкции од страна на Соединетите Американски Држави (САД) за нафтената индустрија на Србија (НИС), „дека Русија почнала да ја користи рафинеријата во Србија за финансирање на војната“ и истакнал дека земјата „мора да излезе од НИС“.

„Во однос на НИС, со години постои загриженост, бидејќи Русија ја купи единствената голема нафтена рафинерија во Србија. Ние го следиме ова долго време, долго пред руската агресија врз Украина и сме загрижени дека Русија користи енергија и енергетски ресурси и од тоа извлекува политички придобивки за себе. Ова продолжи и по почетокот на војната во Украина. Затоа, Русија почна да ја користи рафинеријата во Србија за финансирање на војната. Заклучокот беше дека Русија мора да излезе од НИС и тоа е она на што работиме сега“, рекол Хил во емисијата „Интервју“ на ТВ „Инсајдер“.

Хил појаснил дека американската влада била многу загрижена кога се случила купопродажбата и дека Србија практично го изгубила суверенитетот над својата нафта и завршила во ситуација кога Русија одредува колку нафта ќе се рафинира.

„Загрижени сме што Русија успеа да оствари огромни профити, профити кои не останаа во Србија, туку отидоа во Русија, а особено во руската воена машина, така што навистина се обидуваме да ја намалиме способноста на Русија да добие финансиски средства за војна во Украина. За тоа се работи“, објаснил Хил.

Коментирајќи го краткиот рок од само 45 дена за евентуално излегување на Русија од сопственоста на НИС, Хил изјави дека американското Министерство за финансии исто така разгледува дали има план.

„Ако постои план, роковите можат да бидат флексибилни. Не зборуваме за овој конкретен рок до 25 февруари, туку за некои други слични случаи. Не верувам дека рокот ќе биде проблем за Србија. Дали е 45 или 60 дена? Вистинското прашање е да се создаде српско раководство во НИС. Со нафтената индустрија на Србија треба да управува Србија, а не Русија. Значи, српски менаџмент и дали може да се реализира во разумна временска рамка“, истакна Хил.

Слични содржини