Американскиот претседател во заминување Џо Бајден во својот последен говор во Белата куќа предупреди на појава на „опасна олигархија“ во Америка, за која верува дека може да стане закана за идната демократија, пишува Би-Би-Си.
„Денес во Америка постои олигархија на извонредно богатство, моќ и влијание што навистина ја загрозува целата наша демократија, нашите основни права и слободи“, рече Бајден.
Како што пренесува Би-Би-Си, американскиот претседател го таргетирал „ултра богатиот технолошко-индустриски комплекс“, додека јасно е дека Бајден го гледа Илон Маск, гуруто на претседателската кампања на Трамп, како лидер на овој агрегат.
Тој, исто така, го искористи своето последно ТВ обраќање од Белата куќа за да предупреди за климатските промени и дезинформациите на социјалните мрежи.
Говорејќи од Овалната соба, тој ги пофали и достигнувањата на неговата администрација, споменувајќи ги отворањето работни места, трошењето за инфраструктура, здравството, извлекувањето на земјата од пандемијата и, како што тврди, правењето на САД побезбедна земја.
Бајден додаде дека ќе биде потребно извесно време за да се почувствува целосниот ефект од она што го направи неговата администрација, но „семето е засадено, ќе расте и ќе цвета во наредните децении“.
Тој ѝ посака успех на новата администрација на Доналд Трамп, но потоа упати низа предупредувања.
It’s been the privilege of my life to serve our nation for over 50 years.
I’ve given my heart and soul to you, and I’ve been blessed a million times in return with the love and support of the American people.
Join me as I deliver my farewell address. https://t.co/DRr4U4sa7B
— President Biden (@POTUS) January 16, 2025
„Моќните сили сакаат да го искористат своето огромно влијание за да ги елиминираат чекорите што ги презедовме за решавање на климатската криза чисто заради моќ и профит“, додаде Бајден.
Тој, исто така, ги нападна социјалните мрежи како Мета на Марк Закерберг, кој неодамна вети дека ќе се ослободи од „независните проверувачи на факти“.
„Социјалните медиуми се откажуваат од проверката на фактите. Вистината се задушува со лаги кажани за моќ и профит“, истакна претседателот во заминување.
Завршувајќи го својот говор, тој ги повика Американците да ја „чуваат“ својата земја.
„Бидете чувари на пламенот“, рече Бајден.
Говорот дојде откако тој претходно објави дека во средата е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.