Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојаноски одржаа состанок со дел од претставниците на производителите, дистрибутерите и трговците кои учествуваа во акцијата Новогодишна кошница која што се применуваше од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025 година. Како што информираат од министерството, Ристески им се заблагодарил на сите производители, дистрибутери и трговци кои што се приклучиле и учествувле во оваа акција и ги намалиле цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници.
На листата на производи беа вклучени 1178 производи од 96 производители и дистрибутери. Акцијата се применуваше во 762 продажни места.
-Во духот на социјалната одговорност и солидарноста, од Министерството за економија и труд беше напоменето дека очекувањата се сите учесници во малопродажбата – производителите на храна, дистрибутерите и ланците на маркети, ќе направат максимални напори и ќе ги задржат цените на производите на исто ниво по завршување на акцијата.
Од Министерството за економија беше потенцирано сите учесници треба да се воздржат од зголемување на цените на прехранбените производи кои беа дел од оваа акција и во таа насока се подготвени да комуницираат во духот на соработката.
Беше упатен апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошница, за да не се носат мерки страна на Министерството за економија и труд, односно беше кажано дека Министерството ќе ги искористи сите механизми кои ги имаме на располагање за да се заштити стандардот на граѓаните.
Беше заклучено дека оваа акција е од исклучително значење за зачувување на економската стабилност во нашата држава и за спречување на понатамошен раст на инфлацијата која влијае врз животниот стандард на сите граѓани.
Државниот пазарен инспекторат останува на терен да ја следи состојбата со цените, стои во соопштението од Министерството за економија.
Иако од ресорот велат дека проектот бил успешен, од СДСМ се децидни дека новогодишната кошница била промашена политика. Од друга страна, граѓаните со поделени мислења, но, воглавно сметаат дека немаше вистинско намалување на цените.
Дел од експертите со кои поразговара „Локално“ на оваа тема оценуваат дека ова се популистички мерки и не даваат резултати на долг рок.
Владината мерка беше во сила од 15-ти декември до 15-ти јануари. По есенската и по „Новогодишната кошница“, сега следуваат рамазанска и велигденска кошница, кои треба да се објават неколку дена пред овие верски празници.