Бугарското народно собрание ги изгласа предлозите за новите министри на кабинетот предводен од коалицијата ГЕРБ-СДС, на чело со новиот бугарски премиер Росен Жељазков, јавуваат бугарските медиуми.
„За“ новата Влада на ГЕРБ-СДС, БСП-Обединета левица и „Има таков народ“ гласале 125 пратеници. „Против“ гласале 114 пратеници од коалицијата ПП-ДБ, Преродба на контроверзниот Костадин Костадинов како и коалицијата ДПС – Нов почеток и МЕЧ. Ниту еден избран народен претставник не гласал „воздржано“.
Веднаш по гласањето, новите членови на бугарската влада положиле заклетва.
Новиот владин кабинет бил договорен по преговорите кои завршија со договор меѓу ГЕРБ-СДС, БСП – Обединета левица и „Има таков народ“.
Бугарите лани во октомври, по седми пат во четири години гласаа за избор на нов парламентарен состав. Двата ривалски прозападни табора, Герб-СДС и ПП-ДБ, владееја заедно до пролет 2024 година, но помалку од една година. Поради разликите во мислењата за реформскиот курс и борбата против корупцијата, нивната коалиција се распадна. Бугарите, кои веќе беа уморни од избори, избраа ново Народно собрание на 9 јуни 2024, но формирањето влада не успеа поради тешкотиите да се обезбеди парламентарно мнозинство за поддршка на владата. Назначена беше привремена влада која остана на функцијта сѐ додека не се формираше актуелната редовна влада.