Рио Фердинанд го советуваше Арсенал да ги реши проблемите во нападот и да ги зголеми шансите за освојување на титулата во Премиер лигата со доведување на Карим Бензема на шестмесечна позајмица од Ал-Итихад. Прославениот француски напаѓач и легенда на Реал Мадрид е под договор со клубот од Саудиска Арабија за следната сезона.
Напаѓачот, кој одигра 648 натпревари за Реал, постигнувајќи 354 голови и 165 асистенции, е играч на Ал-Итихад од јуни 2023 година. Тој игра за плата која со сите бонуси може да порасне и до 100 милиони евра по сезона, а досега на 43 одиграни натпревари за арапскиот клуб постигна 26 гола и 13 асистенции.
Со натпревар помалку, Арсенал моментално заостанува четири бода зад лидерот Ливерпул во англиската Премиер лига. Повредата на Габриел Жесус, поради која ќе го пропушти остатокот од сезоната, ги нарушува плановите на клубот и се очекува тој да реагира во јануарскиот преоден рок.
„Би отишол по Карим Бензема и би го донел. Би побарал шестмесечна позајмица“, изјави Рио Фердинанд, прославениот поранешен централен бек на Англија и Манчестер Јунајтед, на прашањето за решение на проблемите на Арсенал.