Раководството на Милан има план „Б“ доколку не успеат во преговорите со Манчестер Јунајтед да го ангажираат левото крило Маркус Рашфорд. Станува збор за напаѓачот на Челси, Жоао Феликс, тврди „Газета Дело Спорт“.
Според информациите, Португалецот е високо ценет од новиот тренер на „росонерите“ Серхио Консеисао, со кој дури го имаат истиот агент – Жорге Мендеш. Лондончани претпочитаат да го продадат Феликс, но се верува дека ќе се согласат и на закуп со опција за купување. Во тој случај, 25-годишниот играч би излегол многу поевтин од Рашфорд, бидејќи неговата плата лани изнесувала 5,7 милиони евра плус бонуси, додека на Англичанецот е околу 13 милиони.
Тие имаат направено голем број успешни трансфери на играчи кои доаѓаат од Челси – Оливие Жиру, Фикајо Томори, Рубен Лофтус-Чик и Кристијан Пулишиќ, на кои можеме да го додадеме и Тами Абрахам, кој исто така играше на Стемфорд Бриџ.
Доаѓањето на поранешниот играч на Атлетико Мадрид и Барселона би овозможило и потпис на десниот бек на Манчестер Сити, Кајл Вокер, кој би ја пополнил единствената квота во Милан за британски играч во овој преоден рок.
Феликс им се приклучи на „сините“ летото, кога на Атлетико му платија 52 милиони евра, но главно беше резерва во тимот на Енцо Мареска, поради што би поздравил трансфер. Сезонава на 19 натпревари во сите натпреварувања постигна 7 гола и 2 асистенции.